Роботите во иднина ќе станат помали, попаметни, помеки, пофлексибилни и поразновидни, а еден таков пример за „мека роботика“ настана на Универзитетот во Мериленд. Станува збор за роботска рака изработена со помош на 3Д-печатач, која може да го помине првото ниво во играта „Супер Марио Брос“ на конзолата „Нинтендо“, за помалку од 90 секунди.
Тим предводен од професорот Рајан Сохол, дизајнира интегрални флуидни кола што можат да се контролираат со помош на единствен притисок за контрола на водата. На пример, се користел низок притисок за движење на првиот прст. Потребен бил умерен притисок за движење на вториот, а висок притисок во случајот со третиот прст. Научниците успеале да програмираат роботска рака и да ја „научат“ кога ликот во играта треба да оди, а кога треба да скока. Овие дејства се изведувале со приспособување на нивото на притисок.
Прецизно тестирање на дизајнот било направено со употреба на конзолата „Нинтендо“ и играта „Супер Марио Брос“, а со оглед на тоа дека играта не остава многу простор за грешки, предизвикот бил голем.
Производството на „меки“ роботи е бавно и комплицирано, но тимот научници го користеа 3Д-печатачот „ПолиЏет“, кој овозможува печатење со употреба на разни материјали. На овој начин, различни компоненти биле отпечатени и склопени во еден ден. Раката на роботот во текот на играта била контролирана од програмиран софтвер, што овозможило различен притисок за прстите да можат да ги притискаат копчињата на контролорот, а раката го „поминала“ нивото за помалку од 90 секунди.
Целта на научниците е да го искористат стекнатото искуство и да дизајнираат протетски помагала и уреди за рехабилитација. Тие јавно го споделија дизајнот и ги охрабрија другите да го модифицираат и да работат на свои проекти.