Техно

Оние што би сакале некој да им приготви оброк во нивната куќа, а потоа и да ги измие садовите, сега може да си го остварат својот сон. Британската компанија „Моли роботикс“ тврди дека ја произвела првата роботска кујна во која е интегриран робот. Машината може да приготвува јадења со едноставно притискање на копче, а се состои од две роботски раце, кои реално ги имитираат движењата на човечките раце при приготвување оброци.
– Ова значи дека роботот може да избере состојки од паметен фрижидер, да ја приспособи температурата на рерната, да ги користи мијалникот и садовите, да ги истури и да ги измеша состојките како човек. Роботот дури и чисти по готвењето – наведуваат од компанијата.
Во развојот на роботот учествувал тим од 100 инженери, дизајнери на производи и луксузни ентериери, како и тројца наградувани готвачи. Тој користи оптички сензори, кои го детектираат истекувањето на остатоците од храната и ги отстрануваат пред и по готвењето.
Во моментов роботот може да направи 30 различни јадења осмислени од светски познати готвачи, но постојано се додаваат нови јадења. Целта на компанијата е да создаде дигитално мени со повеќе од 5.000 јадења.