Автономни роботи за поправка на оштетувања на улиците кои можат да ги идентификуваат и автоматски да ги поправаат, ќе се појават на улиците на Велика Британија во 2021 година, пренесува „Дејли мејл“.

Научници од британската компанија „Роботиз3д“, која произлегува од Универзитетот во Ливерпул го претстави автономното возило-робот кое со помош на вештачка интелигенција ги идентификува оштетувања на улиците како дупки и пукнатини и ги поправа и покрива со асфалт.

Електричното возило кое самостојно се управува, е своевиден спој од тенк и багер, и ќе донесе револуција во системот за одржување на патишта, сметаат експертите.

Се очекува да „тргне во акција“ веќе наредната година, а со тоа да ги намали државните трошоци за огромни суми, пренесува „Дејли мејл“.

Научниците велат дека машините, чиј изглед наликува на спој помеѓу мини тенк и валјак за патишта, ќе го трансформираат одржувањето на патиштата кога ќе се појават и ќе понудат ефективно решение за проблемот со дупките на улиците во Велика Британија. Воедно новата технологија ќе го забрза одржувањето и ќе ги намали трошоците, а патиштата ќе бидат побезбедни и поквалитетни.

Автономниот роботот ќе може самостојно, да вози низ сообраќајниците и да детектира оштетувања. Тој ќе ги испраќа податоците до централа каде што ќе се носат понатамошни одлуки. Во случај на поголеми проблеми на терен ќе бидат упатени специјализирани екипи. Доколку станува збор за помали оштетувања, роботот веднаш ќе ги санира со нанесување на тенок слој асфалт.