Милијардерите Илон Маск и Џеф Безос најавуваат нови амбициозни проекти додека нивното ривалство се проширува на нови фронтови паралелно со зголемувањето на огромното богатство кое го поседуваат.

Американската компанија за изнајмување автомобили „Херц“ вчера најави дека планира да купи 100.000 електрични автомобили од „Тесла“, што за компанијата за електрични автомобили значеше зголемување на вредноста на берзата над трилион долари, пренесува „Ројтерс“. Маск поседува околу 20 отсто од „Тесла“, кои се и примарен двигател на неговото богатство, преку кое тој ги финансира потфатите и достигнувањата на „Спејс екс“. „Блумберг“ сега ја проценува нето-вредноста на Маск на 288,6 милијарди долари.

Маск во јануари првпат го надмина основачот на „Амазон“ Џеф Безос на листата на најбогатите луѓе на светот, заземајќи го првото место. Оттогаш тие неколку пати ги разменија местата на листата според нивното богатство. Сега Маск ја зацврсти предноста пред Безос, која моментно изнесува речиси 100 милијарди долари. Богатството на Безос се проценува на 199,1 милијардa долари при затворањето на пазарот, проценува „Блумберг“.

Додека богатството на двајцата милијардери продолжува вртоглаво да расте и да варира со нивните достигнувања, и нивното „космичко“ ривалство продолжува. Безос планира да изгради приватна вселенска станица, додека пак, Маск сака да биде првиот човек на Марс.

Можеби Безос во иднина ќе го возврати ударот и ќе избие пред Маск според богатството, токму со изградбата на првата приватна вселенска станица во орбитата на Земјата, која би требало да биде конструирана помеѓу 2025 и 2030 година. 

Под називот „Орбитал Риф“, Безос ја развива станицата со неколку партнери, вклучувајќи го и „Боинг“, соопшти компанијата. Станицата ќе служи како еден вид „мешовит бизнис-парк“, а ќе биде наменет за различни клиенти, заинтересирани за истражување, индустриски и меѓународни клиенти, но и за туристи.