Џеф Безос

Вселенската трка меѓу милијардерите на 21-от век се води помеѓу Илон Маск и Џеф Безос. Но, нивните цели се потполно спротивни. Додека Маск работи на остварување на неговиот сон да стигне до Марс, Безос би бил среќен ако завладее под Кармановата линија – границата помеѓу земјината атмосфера и вселената, пренесува порталот „Обсервер“.

Безос се бори да добие дел од освоеното поле на Маск, но не преку неговата компанија „Блу Ориџин“, туку преку „Амазон“. А Безос за таа цел, наводно, ангажирал работници од компанијата на конкурентот Маск, како што пренесуваат американските медиуми.

Безос ангажирал поранешни, но и сегашни вработени на „Спејс екс“, меѓу кои се спомнува некогашниот заменик-претседател за развојот на програмата за сателити, Раџив Бадјал, со цел да го водат неговиот „Проект Куипер“. Цел на амбициозниот проект претставува лансирањето на повеќе од три илјади сателити во орбитата на Земјата, кои ќе треба да обезбедат интернет-пристап за целата планета, односно за околу четири милијарди луѓе, според проценките.

Бадјал, кој беше отпуштен од „Спејс екс“ минатиот јуни, водеше сличен проект во компанијата на Маск. Единствената разлика ќе биде тоа што проектот на „Амазон“ е со помали размери. Од „Амазон“ сѐ уште не потврдуваат, ниту негираат дека Бадјал почнал да работи за нивниот проект.

Сепак, Безос не е толку сконцентриран на ривалството со Маск, бидејќи нивните интереси се поклопуваат, туку е целосно насочен кон можноста за добивка. Познавачите на состојбите сметаат дека лансирањето на сателитската мрежа во орбитата ќе претставува најдобар начин за докажување на потенцијалот на неговата компанија на потенцијалните клиенти.  

Се претпоставува дека трошоците за лансирањето на сателитите би изнесувале помеѓу три и четири милијарди долари, но упатените велат дека нема да бидат изненадени ако достигнат сума од пет милијарди долари.