Познатата балканска група „Рибља чорба“ на 27 јуни ќе одржи концерт на платото пред „А1 арена“, со почеток во 21 часот, известуваат од продукцијата „Авалон“. Водачот на бендот, со чии хитови израснаа повеќе генерации на просторот на некогашна Југославија, Бора Ѓорѓевиќ, по повод скорешната средба со скопската публика испрати порака до својата публика.
– Многу ни е драго што во Скопје ја отвораме концертната сезона. Секогаш им се радувавме на свирките во Македонија, меѓу другото затоа што Македонците знаат да ценат добар рокенрол и сите имаат одличен слух и пеат како славеи. Истовремено сме тажни бидејќи короната ни го однесе Мишо Алексиќ. Неговиот дух ќе биде со нас на 27 јуни во Скопје, пред салата „Борис Трајковски“. Ќе дадеме сѐ од себе сите да бидеме задоволни од концертот и ние и публиката – порача Бора.
Сите што ја сакаат оваа група и досега биле на нивни настапи во Македонија, но и онаа помладата публика, која исто така ги пее нивните песни, ќе можат да уживаат во хитовите: „Волим жене“, „Нечу да испаднем животиња“, „Пекар, лекар, апотекар“, „На западу ништа ново“, „Остани џубре до краја“, „Љубав овде не станује“, „Немој сречо, немој данас“, „Анџеле“, „Амстердам“, „Како је лепо бити глуп“, „Правила, правила“…