На интернет денес можете да најдете многу услуги и добра, да разменувате информации, да комуницирате со семејството и пријателите, да ја контролирате својата банкарска сметка, да се забавувате, да играте и многу други нешта.

Па, сепак, ова е само видливиот дел од интернетот, додека поголемиот дел е скриен од нашите вообичаени алатки за пребарување. Додека ние се забавуваме на социјалните мрежи, под површината се препродаваат жени и деца, органи, лекови, оружје, се разменуваат информации од истражувања недостапни за нас, се кријат банкарски податоци и трансакции, се хакираат податоци на владите, организациите и моќните луѓе. Исто така, се спроведуваат разузнавачки и контраразузнавачки активности, се наредуваат воени удари и убиства.

До невидливиот дел од интернет-мрежата не може да се пристапи преку вообичаените пребарувачи, туку за тоа мора да се користат пребарувачи како што е системот Тор, кој иако е целосно легален пребарувач, се користи од војската, полицијата и разузнавачките служби, како и од оние што се кријат од законот, како Едвард Сноуден и Џулијан Асанж.

Уште во 2001 година, научниците од универзитетот „Беркли“ во Калифорнија заклучиле дека речиси е невозможно да се утврди големината на „длабоката“ мрежа и дека, според нивната процена, нејзиниот обем е многу поголем од површинската мрежа, односно од онаа што ѝ е достапна на пошироката јавност.