Со појавата на „паметните телефони“, селфи фотографиите станаа прилично популарни. Но, едно ново индиско истражување покажува дека тие можат да бидат и кобни.

Според податоците, најмалку 259 лица загинале обидувајќи се да направат оригинално селфи. Ова е за периодот од 2011 до 2017 година, пренесува Си-Ен-Ен. Најмногу од нив се Индијци (159), по што следат Русија и Пакистан. Мажите во оваа мрачна статистика заземаат 72 отсто, и се помлади од 30 години.

Најмногу од настраданите починале од давење, сакајќи да се сликаат крај голем бран или на раб од брод. Осум лица настрадале фотографирајќи се со диви животни, а луѓе гинеле и застанувајќи пред воз, или пак пред огнено оружје (тука предничи САД).

Најчесто, жртвите на селфи фотографија се младите и туристите кои сакаат да бидат што попопуларни на друштвените мрежи.