Сѐ уште не стивнуваат реакциите по синоќешната ретро забава, насловена „Forever Young“ , по некогашниот голем хит на групата „Алфавил“, што се одржа во СРЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.

До организаторот на оваа мега забава, менаџерот Милорад Цаиќ – Цајо, пристигнуваат комплименти и пофалби од сите страни, за одличната атмосфера, за добрата музика, звук, светлосни ефекти… Сепак, најважна од сѐ беше можноста, да се избега неколку часа од реалниот живот, да се помине времето со блиски пријатели и другари, а патем да се сретнат уште еден куп драги луѓе, да се заборави на проблемите и со насмевка на лицата да се танцува, барем и во место, во ритамот на песните, што ги освојуваа светските топ листи во младите години на некогашните „дискаџии“.

Партерот на арената беше преполн со „вечно млади“ скопјани, кои иако веќе во зрели години, со некој килограм повеќе и нешто коса помалку, но со истиот оној жар со кој пред „икс“ години мислеа дека ќе го сменат светот, уживаа во повеќечасовното враќање назад, во времето, во злантите години на диско ерата, кога ги посетуваа скопските дискотеки: „Технометал“, „Мусандра“, „Турист“, „Таверна“, „Огниште“, „Панорама“…и се забавуваа со најголемитехитови од 1970-те, 1980-те и 1990-те години.

Веќе има и предлози оваа ретро забава да прерасне во традиција, што би било навистина одличен потег, а се надеваме дека и неуморниот Цајо, некогашниот заштитен знак и организатор на ноќниот живот во Скопје, ќе се потруди и ќе успее тоа и да го реализира.

Еве само некои од коментарите за синоќешната журка во „Борис Трајковски“: „Бевме невидена весела фамилија“, „Преубаво беше, секоја чест, Цајо, успеа да го направиш невозможното во овој град“, „Денеска се ме боли, ама синоќа со часови танцував во ритмот на омилените хитови од мое времме“. „Одлична атмосфера, одлични диџеи и посета каква што заслужува една ваква вечер за паметење“, „Треба да има повеќе ентузијасти како Цајо“, „Ајде наздравје Скопје и уште многу вакви случувања“….

За извонредната атмосфера се погрижија диџеите: Вера Јанковиќ, Баџо, Цена, Ерик Фокс, Струја, Бабура Јуниор и диџеј Дајнамајт.

А во петокот, награди за животно дело добија диџеите кои оставија траги и му дадоа белег на дискоживотот во Скопје. Награди добија: Васја Иваноски – диско „Технометал“, Михаил Бошковски-Мице – „Мусандра“, Драган Б. Костиќ – диско „Турист“, Сашо Јордановски – „Огниште“, Богдан Стојановски (Боби Латино) – дискотека „Панорама“, Ванчо Иванов (диџеј Главче) – дискотека „Таверна. Без нив ќе ги немавме ниту убавите спомени, на кои се навративме синоќа. М.Т.