Вондивои-кенгурот што живее на дрвја, единствен пат бил забележан во 1928 година, а зоолозите имаат на располагање само цртежи од овој вид. Но, по 90 години, овој  вид што се сметаше за изумрен, беше фотографиран на планински венец во Папуа Нова Гвинеја, пренесува „Нешнл џиографик“.

Вондивои-кенгурот е толку редок, што зоолозите веруваа дека е засекогаш исчезнат. Но, не само што кенгурот бил забележан, туку и фотографиран од страна на ботанист од Велика Британија.

– Овој кенгур е еден од најретките видови цицачи кои воопшто не му се познати на човекот – вели Марк Елдриџ, биолог за торбарите во Австралискиот музеј во Сиднеј.

Овие тропски торбари се блиски роднини на кенгурите од Австралија. Нивните предни шепи се силни и мускулести и ги користат за да се качуваат на дрвјата. Тие се движат со комбинација од мали скокови и акробации. Овие слатки кенгури наликуваат на мешавина од кенгур, коала, мрзливец, мајмун и мечка, велат зоолозите.

Причината поради која овој кенгур толку долго е непознат за луѓето е непристапната бамбусова шума која се наоѓа на 1.500 метри надморска височина.

– Тоа што знаеме дека вондивои-кенгурот сè уште опстојува нуди можност да собереме повеќе податоци, бидејќи практично не знаеме ништо за него, а притоа би овозможиле и услови за негово заштитување – изјави Елдриџ.

Иднината на вондивои-кенгурот е неизвесна поради можното отворање на рудници за злато во регионот на планините Вондивои, што би претставувало голема опасност за уникатните животински видови во оваа област.