Фантастичната Рене Зелвегер се враќа на филмското платно, и тоа во улогата на легендарната Џуди Гарланд, во биографската драма „Џуди“. Зелвегер ќе ја игра глумицата што некогаш беше позната како најголема забавувачка на светот.
Претстојниот филм ќе го документира нејзиниот живот, во периодот додека се подготвува за настапот во „Свингинг Лондон“, но и нејзините емотивни борби, комплицираниот однос со децата, зависноста, замките на успехот…
Филмските критичари предвидуваат исклучителна драма, бидејќи, според нив, Рене е вистински избор, затоа што нејзината енергија е слична со онаа на Гарланд. Таа во филмот изгледа речиси непрепознатливо и навистина потсетува на ѕвездата од златното време на Холивуд.

Дејството почнува од смртта на таткото на глумицата, нејзините проблеми со дрогата и обидот за самоубиство. Инаку, Џуди доживеала голем број тешки мигови во животот. Пет пати се мажела, а гласот почнала да го губи поради психичките проблеми.
Филмот „Џуди“ го режираше Руперт Голд, според сценариото што заедно го напишаа Том Едге и Питер Квилтер. Освен Рене Зелвегер, во филмот ќе ги видиме и: Џеси Бискли, Руфус Севел, Мајкл Гамбон, Бела Ремси…
Премиерата на „Џуди“ е закажана за 27 септември.