Познато е дека велосипедот е измислен во 19. век. Меѓутоа, на ѕид од храмот Панчаварнасвами во јужна Индија, стар 2.000 години, е откриено уметничко дело што прикажува човек на возило на две тркала.

Храмот е изграден за време на тамилската Чола династија. Градителите на храмот стар два милениума како да го предвиделе современиот велосипед, доколку фреската е автентична, т.е. не е додадена подоцна, јавува „Мирор“.

– Историчарите велат дека велосипедот е измислен пред 200 години, но како тогаш ова дело се нашло во храмот стар две илјади години?, прашува истражувачот Правин Мохан, кој ја пронашол оваа резбарија.

На тоа прашање се уште нема конкретен одговор, а има најмалку едно рационално објаснување.

Имено, храмот е реновиран 1920 година, кога велосипедот веќе бил масовно прифатен во цел свет. Многу е веројатно релјефот да е дело на некој современ уметник, воодушевен од практичниот пронајдок на две тркала, а што учествувал во обновата на храмот. Оваа теорија за потеклото на овој уметнички детаљ се уште не е официјално потврдена.