Истражувањето на шаманистичките елементи во наши локални рамки и разоткривањето на нивното директно влијание врз обичаите и верувањата кај македонскиот човек покажаа дека се работи за универзален обреден комплекс, вграден во човековото духовно искуство, вели авторката

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ ја објави книгата на Ана Витанова-Рингачева, „Шаманизмот во македонската народна традиција“, која претставува прва научна и културолошка книга на оваа тема во Македонија. Оваа книга претставува адаптација на докторската дисертација на Витанова-Рингачева. „Шаманизмот во македонската народна традиција“ е научен труд со повеќеслојна структура и содржина. На крајот се објавени и фолклористички и етнографски прилози.

Овој труд го претставува шаманизмот како културен и религиозен феномен, во неговите основни историски и културни видови, почнувајќи од неговата генеза, па до неговата рефлексија врз животот на дадена заедница.

– Шаманизмот како архаична техника на екстатично патување е присутен како „преживелица“ во македонската народна традиција. Фолклористичката и етнографската граѓа што беше предмет на анализа, само ја потврди тезата дека реликти од шаманизмот се препознаваат во многу слоеви од македонскиот обреден и приказничен фолклор. Истражувањето на шаманистичките елементи во наши локални рамки и разоткривањето на нивното директно влијание врз обичаите и верувањата кај македонскиот човек покажаа дека се работи за универзален обреден комплекс, вграден во човековото духовно искуство – вели авторката во заклучниот текст.

Нина Анастасова Шкрињариќ, во предговорот на книгата, вели дека книгата претставува импозантна научноистражувачка расправа за шаманизмот согледан како своевиден „културен остаток“ од првобитните култури, кој опстојува во народната култура на современите народи…

Ана Витанова-Рингачева е доцентка на Катедрата по македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде што го предава предметот Македонска народна книжевност. Нејзиниот примарен интерес е насочен кон истражувања и проучувања на македонската фолклористика. Покрај тоа, се занимава и со херменевтички толкувања на современата македонска книжевност.