Националната океанска и атмосферска управа соопшти дека нивоата на јаглерод диоксид и метан во атмосферата продолжиле алармантно да растат во 2020 година и го достигнале највисокото ниво во последните 3,6 милијарди години, и покрај тоа што емисиите се забавени поради пандемијата на ковид-19.
– Човечката активност предизвикува климатски промени. Ако сакаме да ги ублажиме најлошите последици, треба да се фокусираме на намалување на емисиите на фосилни горива речиси на нула. Дури и тогаш ќе мора да бараме начини да ги отстраниме стакленичките гасови од атмосферата – вели Колм Свини од Глобалната лабораторија за мониторинг.
НОАА наведува дека мерењата покажале оти глобалниот просек на нивоата на јаглерод диоксид е 412,5 дела на милион во 2020 година, што претставува зголемување за 2,6 дела на милион во текот на годината. Економската рецесија резултира со намалување на емисиите за седум проценти во 2020 година, но и без тоа намалување, нивото ќе остане рекордно високо.
Институтот за океанографија „Скрипс“ наведува дека нивоата на јаглерод диоксид се 50 проценти повисоки отколку пред индустриската револуција. Оваа промена ѝ се припишува и на човековата активност.
Промените потребни за заштита на планетата не се лесна задача. За среќа, технолозите нудат иновации и голем број решенија, а за почеток, позитивно е што употребата на обновливи извори на енергија се зголемува во светот. Некои земји се многу блиску до исполнување на сите свои енергетски потреби со помош на обновливи извори.
Технологиите како вештачка синтеза и производство на биогорива од пивски отпад го менуваат начинот на кој пристапуваме кон енергетските потреби. Новите технологии изгледаат како филмови од научна фантастика, а меѓу нив е и употребата на ридови како огромни батерии и уреди што создаваат електрична енергија од влага.