Реката што тече во близината на местото каде што се одржува најголемиот светски музички фестивал на отворено, „Гластонбери“, во Велика Британија, е загадена со недозволени дроги, како кокаин и екстази, бидејќи посетителите под дејство на опијатите често уринираат на јавни места, тврдат научниците.
Истражувачите од универзитетот „Бангор“ откриле дека концентрацијата на МДМА, позната како екстази, била четири пати поголема низводно во реката Вајтлејк, непосредно по одржувањето на фестивалот „Гластонбери“, кој последен пат се одржа во 2019 година, објави агенцијата „Ројтерс“.
Се наведува дека и концентрацијата на кокаин била зголемена на ниво што може да влијае на животниот циклус на европските јагули, инаку заштитен вид што живее во овие води. Истражувачите заклучиле дека контаминацијата на земјиштето со нелегални дроги поради уринирање на јавно место се случува на секој музички фестивал под ведро небо. Тие додаваат дека во близината на местото каде што се одржува фестивалот „Гластонбери“ какви било медикаменти имаат малку време да се разградат, пред да навлезат во чувствителниот слатководен екосистем.