Новозеландската река Вангануи во 2017 година стана „легална личност“ и оттогаш и други држави се обидуваат да го следат нејзиниот пример, за заштита на животната средина. Оваа река, која се наоѓа на Северниот Остров на Нов Зеланд, е еден од најважните природни ресурси на оваа островска држава, пишува Би-би-си. Со признавањето на реката за личност во 2017 г., е завршен еден од најдолгите судски случаи на Нов Зеланд.

Своето патување долго 290 километри таа го почнува во северозападниот дел на планината Тонгариро и се влева во Тасманово Море. Неа со векови ја почитувале племињата Вангануи, кои своето име го добиле по реката покрај која живеат и од која црпат сила и силен дух. За нив реката значи живот, извор на храна, по неа се возеле со кануа и граделе села на нејзините брегови.
Со новиот закон, бидејќи реката е признаена како личност, тоа значи дека оној што ќе ѝ наштети, му наштетил и на племето. Доколку дојде до каква било злоупотреба и таа биде загрозена, загадена или на неа се спроведуваат неовластени активности, реката може да го тужи извршителот. Освен тоа, таа може да биде сопственик и на имот, да склучува договори и да биде тужена.

Реката Вангануи не е единствениот природен ресурс што добил статус на легална личност. Овој акт на персонализирање на животната средина стана познат уште во 1970-тите години. Паркот „Те Уревера“ во 2014 г. беше првото природно добро на оваа држава што доби статус на личност. И планината Таранаки, стратовулкан стар 120.000 години, светилиште на Маорите, во 2018 година го доби истиот ранг. Сепак, реката Вангануи можеби имаше најголемо влијание во глобални рамки. По оваа одлука и индиските реки Ганг и Јамуна и сите реки во Бангладеш ги добија законските права на вистинска личност.