Лекарите беа против, другите планинари им зборуваа дека се луди. Но Реинхолд Меснер и Петер Хабелер не ги слушаа предупредувањата и успеаја на 8 мај 1978 година да се искачат на Монт Еверест без боци со кислород.

Речиси точно 25 години откако Едмунд Хилари и Тензинг Норгај станаа првите луѓе на покривот на светот, Меснер и Хабелер ги запишаа своите имиња во историјата на планинарењето како први што успеале без дополнителен кислород.

– Тоа не беше рекорд. Тоа беше идеја што ја спроведовме во дело – вели Меснер, човек кого почитувачите го сметаат за најдобар алпинист во историјата, а критичарите за амбициозен егоист.

Искусните планинари на Меснер и Хабелер им давале малку шанси за успех, а лекарите предупредувале дека човекот не може да преживее на толкава височина без боци со кислород.

– После сė, моите критичари велат дека сепак ми страдал мозокот – се шегува Меснер.

Потоа сериозно додава дека тој и Хабелер и денеска се со одлично здравје.

Во 74. година од животот, Меснер повеќе не е заинтересиран за Монт Еверест.

– Нормално дека би можел да се искачам на врвот, но на траса која некој однапред ја подготвил, со дополнителен кислород и лекари да се грижат за мене – вели славниот Италијанец.

– Но тоа би било срамота. Еверест, онаков на кој се искачи Хилари, денеска повеќе не постои. Да, тоа е истата планина, но сега прекриена со јажиња и ченгели – вели Меснер.

Непалските Шерпаси со месеци работат како „работници на пат“ под тешки услови и под голема опасност за да можат на туристите да им ги подготват трасите, нагласува.

– И тој процес е неповратен бидејќи на Непал му носи голем профит. Дозволата за качување чини 11.000 долари. Ако 1.000 луѓе се обидат, тоа се 11 милиони долари – вели Меснер.

Празнина наместо триумф

Меснер и Хабелер буквално ползеле во последните неколку метри до врвот(8.848 м.), каде што стигнале околу 13 часот по локално време и го оствариле она што малкумина веруваа дека е возможно.

– Сепак, не се чувствував триумфално, туку празно…Само сакав долу, само долу – запиша Хабелер во својата книга.

Меснер се чувствувал слично.

Тој и Австриецот Хабелер кон крајот на 60-сеттите години од минатиот век почнаа да градат сопствен стил на алпинизам, спротивен на дотогашната традиција. Се качуваа брзо, со што помалку опрема и одмор.

– Бевме дрски – го опишува тоа Хабелер.

Меснер со таков стил стана првиот кој сам успеал да се искачи на Нанга Парбат и Еверест. Беше прв кој освои три врва повисоки од 8.000 метри во една година и прв што ги освои сите 14 светски врвови преку таа висина.

И додека Хабелер вели дека Еверест му бил потежок од сите други експедиции, Меснер највисоката планина не ја вбројува меѓу своите најтешки потфати. Тврди дека му било потешко да ги истражува пустините и половите.

На Меснер најтежок момент во кариерата му бил смртта на младиот брат Гунтер во 24 година од животот, при спуштањето од Нанга Парбат во 1970 година.

Меснер денеска планира полека да се повлече од јавниот живот, но пред тоа ќе учествува во снимањето на филм за качувањето на Еверест без дополнителен кислород.

Смета дека е важно да се документираат такви вистинити настани, бидејќи „вистинските приказни се подобри од сите имагинарни“.