Групата „Стринг форсис“ неодамна го реиздаде својот последен петти албум „Соголи ме“, чија промоција се случи во 2017 година.
– Неколку години подоцна, за да останеме верни на традицијата на механички носач на звук, во време кога сите се навраќаат на винилот, ние решивме да се навратиме на цедето. Но четири години не се занемарливо време. поради што првобитната идеја за „ремастер за цеде“ се претвори во идеја за нов поглед кон материјалот од албумот и со тоа потполно нов микс на истиот материјал – вели Дориан Јовановиќ.
Освен насловната песна „Соголи ме“, на албумот се снимени десет песни, меѓу кои се: „Преку водата“. „Ние сме“, „Тишина“, „Апокалипсис“ и други.
Музиката е дело на сите членови на групата, а текстовите се на Александар Стојанов-Зорин, Дориан Јовановиќ, кој беше и во улога на снимател и продуцент. Жиченото јадро го сочинуваат: Александра Мангаровска-Милиќевиќ – вокал, Александар Стојанов-Зорин – вокал, Александра Кузман – виолина, Дориан Јовановиќ-Чепмен – стик, бас, електроника, Благојче Пенов – тапани, Дамјан Темков – клавир и клавијатури.
Досега „Стринг форсис“ има издадено пет студиски албума: „String Forces“ (1999), „Изохронија“ (2002), „Свиленкаст пат“ (2006), „Reductio Ad Absurdum“ (2009), „Соголи ме“ (2017, CD 2021), едно ЕП „Unsustainable Truth“ (2019, само дигитално издание) и пет албума во живо. Сите дигитални изданија се достапни на страницата на групата Бендкемп, а студиските изданија се достапни и на сите стриминг-платформи и онлајн продавници.