Членовите на еден од најперспективните македонски бендови, „Фанк шуи“, велат дека не им недостигаат храброст и лудост, што е сосема доволно за да бележат метеорски успеси во својата плодна музичка кариера

Фантастичниот талент на еклектичните „Фанк шуи“ и нивната неисцрпна љубопитност само дополнително ги етаблираа на македонската, а веќе и на регионалната сцена, особено преку карактеристичната комбинација на слободен спој на повеќе современи музички жанрови. Во текот на 11-те години постоење можат да се пофалат со албумите „Етер“ и „Р.Е.М.“, изданието „Импулс“ и последователните синглови, како и богатата низа на концерти дома и во регионот. Изминатиот период забележаа извонредни успеси, со тоа што публиката на српскиот портал „Балкан рок“ ја избра песната „Метеори“ за сингл на годината, влегоа во финалето на музичките награди ХЕМИ на европско ниво покрај силната конкуренција, а актуелни се со номинации во три категории за регионалните награди на „Музик ТВ“. На 10 март го промовираа новиот сингл „Не време“, во соработка со Вера Милошевска-Јосифовска од „Љубојна“, заедно со видеозапис.

Синглот „Не време“ само за неколку дена има феноменален одзив кај публиката. Како се роди соработката со Вера Милошевска-Јосифовска?
– Интересот на Лука кон фолклорот природно нѐ спои со нашата дада Вера. Таа низ годините е и единствена професорка по пеење на нашиот пејач, како и учителка по начините на македонската фолклорна музика на целиот бенд заедно со нејзината половина во „Љубојна“, Оливер Јосифовски. Односот на публиката ни е стабилен и знаеме дека знаат дека знаеме колку се сакаме.
Дали сегашното „не време“ во кое живееме беше инспирацијата за создавањето на песната?
– Песната е напишана заедно со текстот далеку пред пандемисково невреме. Во претходниот сингл бевме донесени од интуиција, во овој сè уште се носиме со истата таа.
Дали актуелните синглови „Метеори“, „Ветер“ и најновиот „Не време“ можеби се предвесници за албум годинава, со кој би ја израдувале вашата публика?
– Го најавивме нашиот албум со првиот сингл „Метеори“, но решивме албумот да го отцртуваме чекор по чекор, сингл по сингл, тој е во својата финална фаза. Сметаме дека ова е најдобриот начин во моментов да се презентира едно поглавје од нашето творење. Се надеваме дека невремето ќе заврши наскоро и ќе имаме можност да ја споделиме нашата работа наскоро.

Постигнавте огромен успех со „Метеори“ и на балканската сцена. Дали ваквиот успех ве охрабрува и мотивира да издадете албум на овие музички простори?
– Лудост и храброст не ни недостигаат, со оглед на тоа дека сме активни во Македонија сиве овие години и со оглед на тоа дека сè уште работиме за и од овде. Впрочем, ништо не ни недостига, сè е можно, имаме доволно и премногу во нас. Доволно ни е да испратите една мала молитва и еден скромен аплауз накај нас, а ние сме подготвени.
Дали сте размислувале или посакувате соработка со некој регионален музичар или пошироко, со оглед на тоа што лани, пред почетокот на пандемијата, имавте мини-турнеја во Словенија, БиХ…?
– Покрај двете соработки со едни од нашите најдраги македонски артисти, Ристо Солунчев од „Чиста околина“ и Вера Милошевска-Јосифовска од „Љубојна“, веќе се наоѓаме на патишта каде што се вкрстуваме и со артисти од нашите соседства. Среќни сме што регионот веќе ни посакува молитва и аплауз, драги наши, молитва и аплауз.

Билјана Здравковска