Рајан Гослинг би можел да го глуми Кен во претстојниот филм „Барби“, базиран на култната кукла на компанијата „Мател“, и на тој начин да ѝ се придружи на Маргот Роби, која ќе ја глуми Барби.
Според „Дедлајн“ и „Холивуд репортер“, актерот од „Ла ла ленд“ е во последни преговори да ја преземе улогата. Медиумите објавија дека Гослинг првично ја одбил улогата во филмот поради неговиот исполнет распоред, но подоцна, откако проектот бил одложен, покажал заинтересираност.
„Барби“ ќе биде продуциран од Маргот Роби и нејзината продукциска куќа „Лаки чап ентертејмент“, а актерката во исто време ќе го игра главниот лик. Продуценти на филмот ќе бидат и „Мател филмс“ и „Ворнер брос“.
Грета Гервиг и Ноа Баумбах, двојка познато по необичните драми што критичарите ги сакаат, го напишаа сценариото за проектот, а Гервиг ќе се најде и во улогата на режисерка.
Деталите за заплетот засега се непознати, но со оглед на искуството на Гервиг во режирање, може да се очекува дека ова нема да биде типичен поглед на приказната за куклата. Кога станува збор за Гослинг, оваа улога би можела да биде една од поинтересните во последните години и сигурно ќе ги израдува обожавателите, кои не се сигурни што да очекуваат од овој проект.