И оваа есен стрелките на часовниците беа поместени, а вработените во замокот Виндзор имаат задача да го прават тоа на повеќе од 400 часовници.

Британското кралско семејство поседува повеќе од илјада часовници, 450 часовници во замокот Виндзор, 600 во палатата Бакингем и 50 во Холиродхаус.

Фјодор ван ден Брек е хоролошки конзерватор на кралскиот замок Виндзор стар 900 години. Менувањето на стрелките на часовниците оваа есен беше првата задача на Фјодор. За време на викендот тој поминал околу 16 часа менувајќи ги сите 400 часовници на имотот Виндзор, вклучувајќи околу 250 во самиот замок и уште седум во кулата.

– Јас сум единствениот што го правам тоа тука, а друг колега од Бакингемската палата ги поместува стрелките на сите часовници таму – изјавил Фјодор за Би-би-си.

За некои часовници постои дополнителна временска разлика што треба да се земе предвид.

– Луѓето сè уште се изненадени што има мала временска зона во кујните во замокот Виндзор и палатата Бакингем, каде што часовниците се секогаш пет минути побрзи. Тоа е затоа што храната пристигнува на време. Тоа е постојан потсетник дека ова е важно – објаснува Фјодор.

Кога не ги менува стрелките и времето, работата на Фјодор е да ги навива механички часовници, за нишалото да им се ниша. На тој ден кога навива механички часовници, прави дури 16 000 чекори.

– Ги проверувам сите часовници во собите пред посетителите да дојдат за да се осигурам дека се подготвени – вели тој.

Во посебни простории кралицата организира официјални состаноци со шефовите на други држави или доделување награди и признанија.

– Повеќето часовници се прилично прецизни, но одвреме-навреме без очигледна причина тие одеднаш почнуваат да губат или да добиваат време, нешто што почнав да го нарекувам „живот“. Затоа морам да внимавам на нив – вели тој. 

Остатокот од неделата го поминува во работилницата за сервисирање и поправка на часовници, а некои од нив многу се стари меѓу 200 и 300 години.

Кога дел се расипува или се троши, Фјодор поправа и прави промени со помош на струг, фреза и рачни алатки.

– Постои верување дека часовниците се начин да се донесе Бог во куќата, бидејќи Бог го создал времето, а човекот создал машина за фаќање на времето – објаснува Фјодор.

Еден од часовниците што ги чува Фјодор е украсен француски часовник во Државничката трпезарија. Велат дека најмногу го сакала кралицата Викторија. Часовникот ѝ го подари кралот Луј-Филип од Франција во 1884 година. Зад часовникот виси портрет на кралицата Викторија.