Рами Малек, глумецот што неодамна доби „оскар“ за главна машка улога во филмот „Боемска рапсодија“, каде што го толкуваше лидерот на групата, Фреди Меркјури, би требало да го игра главниот негативец во новото продолжение на филмови за Џемс Бонд, насловено „Бонд 25“.

Судејќи според пишувањето на медиумите, Рами Малек веќе на големо преговара со продуцентите за преземањето на улогата на главниот негативец, кој ќе се бори против Даниел Крег во следното продолжение на сагата за суперагентот 007, пренесе „Скај њуз“.

По освојувањето на „оскарот“, „златниот глобус“ и наградата БАФТА, беше објавено дека Рами Малек влегол во конкуренција, но оти неговото учество во завршната сезона на серијата „Мистер Робот“ прави проблеми во постигнувањето договор со сценаристот и режисер на „Бонд 25“, Кери Фукунага.

Меѓутоа, се појавија нагаѓања дека веќе е направен распоред за младиот глумец, за да може да ги заврши во предвидениот рок и двете поставени актерски задачи.
Не се објавени детали за тоа како ќе изгледа негативецот во новиот филм за најпознатиот светски детектив, но веќе се зборува дека би можел да биде слеп.