Најновата научна студија во која учествуваше и Македонија покажува дека зајакнувањето на популациите на мршојадците со млади птици, кои се родени во заробеништво (реинтродукција), може да го одложи нивното истребување. Иако ваквата процедура нема да биде доволна за одржување на популацијата, таа ќе им обезбеди доволно време на еколозите да ги отстранат заканите што ја уништуваат, информираат од Македонското еколошко друштво.
Овие закани на Балканот се особено сериозни, популацијата на египетски мршојадци во осумдесеттите години на минатиот век опфаќаше над 600 двојки, а сега е сведена на само 48 двојки (податок од 2020 година). Научната студија е објавена во научното списание „Џрнал оф аплаид еколоџи“ и таа укажува на фактот дека сѐ додека смртноста на мршојадците е во најголема мера предизвикана од човекот, реинтродукцијата дури и на 15 млади птици родени во заробеништво годишно не е доволна за одржување на балканската популација на египетски мршојадци.

– Предвидувањето на идните трендови на популацијата на египетски мршојадци е тешко, но она што со сигурност го знаеме е дека доколку не ги намалиме заканите, надежите за преживување на балканската популација се мали – дури и покрај фантастичната поддршка што можe да ја даде реинтродукцијата – изјави Ненад Петровски, координатор на проектите за зачувување на мршојадците во Македонија.
Египетските мршојадци мигрираат околу 5.000 километри секоја година помеѓу нивните гнездечки и презимувачки територии. Овие прелети се опасни и многу птици умираат од човечки закани, како криволов, непосредно труење, електоркуција и судири со електорснабдувачки инфраструктури.