Кинотеката на Македонија свечено ја одбележа 25-годишнината од премиерата на „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, најуспешниот и најзначаен игран филм во македонската кинематографија, со промоција на мапа со репродукции на постерите од светската дистрибуција на филмот и со проекција на филмот. На оваа неформална филмска вечер посветена на филмските сладокусци беше присутен и актерот Раде Шербеџија, кој го игра главниот лик во филмот, како и дел од преостанатата екипа на „Пред дождот“, Петар Мирчевски, Мето Јовановски, Александар Микиќ, Нино Леви, Сузана Киранџиска…

– Во тоа време „Пред дождот“ беше спас за мене. Јас тогаш живеев во Лондон и кога се запознавме, по кастингот, кога ја добив улогата, Милчо ми рече дека ја пишувал баш за мене. Го прашав како за мене кога не ме ни познава. Ми рече дека уште од дете ги гледал сите мои филмови и дека Живојин Павловиќ е неговиот најомилен режисер. Таа интима, тоа што го има во неговите филмови е таму оти тој ги создавал тие дела уште од дете, тоа го прави голем автор. И сите тие големи режисери и глумци, од Стенли Кјубрик до другите големи со кои работев потоа, сите ми имаат кажано дека „Пред дождот“ е еден од најдобрите филмови што го виделе. Сакам да му кажам фала на Милчо што бев дел од неговиот сон – рече Шербеџија.