Со сè поголемиот број луѓе што своите компјутери, вклучувајќи ги и податоците за нивната компанија, ги префрлија во своите домови за да работат или да студираат од дома, постои зголемена закана од хакерите, кои се обидуваат да ја искористат моменталната состојба и да се инфилтрираат во корпорациите, предупредуваат експертите за компјутерска безбедност.

Официјални лица во САД, Велика Британија и во други земји издадоа предупредувања за опасност од вршење на работата од далечина, додека технолошките компании регистрираа зголемување на бројот на барања за помош при обезбедување работа за луѓе што работат надвор од своите канцеларии.
Според „Ројтерс“, криминалците претставуваат пораки што служат за кражба на лозинки и заразување на софтверот како сигнали или апликации поврзани со коронавирусот.

Одделни истражувачи откриле дека хакерите се позиционираат како службени лица во Центарот за спречување и контрола на болести на САД во обид да пробијат корисници на е-пошта или измама на корисниците на биткоин, додека други забележале дека хакерите користат вируси-апликации за да се пробијат во телефоните со Андроид.