Компанијата „Букбарн интернешнл“ која ги снабдува со книги телевизиските и филмски сетови, соопшти дека забележала зголемување на продажбата за време на изолацијата поради коронавирусот, објавува „Би-би-си“. „Букбарн интернешнл“ продава и позајмува книги на многу телевизиски серии, вклучувајќи ја и „Неговите мрачни материјали“.

Генералниот директор на компанијата, Ник Бејтс, за „Би-би-си“ објаснува дека луѓето купуваат од него со цел да ја пополнат позадината во кадарот кога зборуваат преку Зум.

Компанијата со седиште во Бристол, Англија, соопшти дека побарувачката е зголемена кај луѓето кои работат од дома, така што, се зголеми и продажбата.

– Некои клиенти се уморни од вообичаената позадина. Понекогаш нарачуваат полица за книги. По втор пат цела домашна библиотека – рече Бејтс.

Компанијата има на располагање скоро милион книги, а клиентите создаваат свои колекции врз основа на одредени теми, наслови или распоредот на корици.

– Опремувањето на домашната канцеларија на овој начин создаде структуриран, смирувачки простор што ми овозможи да работам многу продуктивно од дома – рекол еден клиент, кој сакал да остане анонимен.

Компанијата, меѓу другото, доставува книги за филмските сетови меѓу кои се оние на „Марвел“ и сериите на „Нетфликс“ „Сексуално образование“ и „Туѓинка“.