Од 557 вида птици грабливки во светот, 166 (30 отсто) се под зголемен ризик од истребување поради човечките активности, открија новите анализи.
И покрај неколкуте успешни приказни за зачувување на природата, како драматичното враќање на популацијата на белоглавиот орел во Северна Америка, новата анализа на податоците од Меѓународната унија за заштита на природата и „Брд лајв интернешнал“ откри дека 30 проценти од видовите грабливки се сметаат за речиси загрозени, ранливи или загрозени и критично загрозени.
Осумнаесет вида се критично загрозени, вклучувајќи ги и филипинскиот орел, кафениот мршојадец и бувот сиау, откриле истражувачите.
Популацијата на филипинскиот орел, најголемиот орел во светот, е во брзо опаѓање поради уништувањето на шумите. Орелот харпи, најголемиот орел во Америка, е класифициран како речиси загрозен од истата причина.
Некои видови мршојадци во Азија и во Африка се намалиле за 95 отсто поради губењето на живеалиштата и труење, хранејќи се со трупови на добиток третирани со антиинфламаторно средство диклофенак.
Од 4.200 локации идентификувани од конзерваторските групи како критични за видовите грабливки на глобално ниво, повеќето се незаштитени или само делумно покриени со заштитени подрачја – вели Стјуарт Бучарт, главниот научник во „Брд лајв интернешнал“ во Велика Британија.