Десет познати светски знаменитости, меѓу кои се и Мачу Пикчу, Таџ Махал, Стоунхенџ, Петра, Чичен Ица, добија можност да бидат виртуелно посетени иако моментално се затворени поради пандемијата на ковид-19. Уживање во нивните приказни и убавини деновиве понуди и електронското издание на Национална географија – Србија.
– Многу детали за тоа како е изграден Мачу Пикчу во Перу сѐ уште се мистерија. На Андите на 2.430 метри надморска височина тој е изграден во време кога сѐ уште не постоело тркалото, но ни практиката да се користат животни за пренос на огромни камења – вака почнува текстот за оваа поединечна визуелна прошетка низ делови од светот.

Втора на списокот е огромната скулптура на Христос Спасителот во Рио де Жанеиро, сместена на врвот од планината Корковаду. Напоменато е дека Христос Спасителот се гледа од цело Рио. И при ваквата посета, неоспорно е дека фасцинираат пирамидите во Гиза, во Египет, кои „стојат на работ од пустината, на местото каде што завршува песокот, а почнува модерното Каиро“. За овие величествени градби е укажано дека се изградени пред околу 4.500 години како големи гробници за фараони, додека за металната Ајфелова кула во Париз, која е подигната на Марсовите полиња и е знаменитост и симбол на овој град, дека е изградена во 1889 година, како експонат за Светската изложба по повод прославата на стогодишнината од Француската револуција.

За Ангкор ват (Градот на храмовите) во Камбоџа пишува дека е најголемиот верски споменик во светот, првобитно изграден како хиндуистички комплекс посветен на богот Вишну во првата половина на 12 век, кој постепено се трансформирал во центар за обожавање на будизмот. На шестото место од овој список е мавзолејот Таџ Махал во Индија, изграден помеѓу 1631 и 1654 година, кој го граделе 22.000 луѓе. Шахот Џахан ја наредил неговата изградба за својата почината жена Арџуманд Бано Бегум, попозната како Мумтаз Махал.

За Стоунхенџ, кој е на седмото место, стои запишано дека е британска културна икона што датира од неолитот и бронзеното време. Се наоѓа во околината на Аменсбер, во англискиот округ Вилтшир, околу 13 километри северозападно од Солсбери. Прошетката низ дел од зачуваното богатство на светот продолжува со градот Петра, во денешен Јордан, кој своевремено бил главен град на арапското Набатејско Царство, центар на трговија, одредиште на карвани. Неговиот развој продолжил и во времето на Римското Царство. Петра на западниот свет му е откриен дури во 1812 година, откако го пронашол швајцарскиот истражувач Џон Лудвиг Бурхард.

На деветтото место за виртуелна посета за време на пандемијата е Колосеумот во Рим, најголемиот амфитеатар што е изграден, додека на последното место е големото археолошко наоѓалиште Чичен Ица, на Јукатан во Мексико, датирано од времето на цивилизацијата на Маите.