Професор од Србија тврди дека е единствениот во светот што има технологија за производство на струја од сончева енергија 365 дена, 24 часа на ден.

Професорот Владан Петровиќ во Бадњевац, во близина на Крагуевац, на два хектара земјиште поставил сончеви концентратори за да докаже дека е можно да се има бесплатно греење.

Потенцијалот на проектот го препозна компанија од Норвешка, која со Петровиќ склучила и договор за соработка.

-Во Србија не покажаа никаков конкретен интерес за ова што го работам. Но, заинтересирани се други земји. Потпишав договор со голема компанија која работи на пловечки острови. Тие во Монако треба да реализираат голема инвестиција вредна милијарда евра за која е потребна соларна енергија. Заинтересирани се за технологијата и сакаат да ја развиваат – вели Петровиќ.

-Тоа е евтина технологија, која секој може да ја направи, можете цела Србија така да ја греете. Почнете да собирате енергија по хектар земјиште од април. Во октомври имате 200 степени во земјата. Кога ќе почне грејната сезона, до крајот на февруари таа температура ќе падне на 40 степени. Тогаш се користат топлински пумпи, од кои добивате 10 киловати топлинска енергија, а ќе потрошите еден киловат електрична енергија. Така може да се грее не само Србија, туку цел свет – појаснува Петровиќ.

Професорот смета дека во Србија не се заинтересирани за овие револуционерни проекти заради некомпетентноста и дека луѓето што одлучуваат немаат доволно знаење за тоа подрачје.