Кога зборуваме за професии што ги усреќуваат луѓето, меѓу другите тоа се: музичарите, хумористите, илузионистите, готвачите, инструкторите по танцување, но и акушерките, матичарите, продавачите на среќки, па и оџачарите, за кои кај народот се верува дека кога ќе ги сретнете, тој ден мора да ви се случи нешто убаво

Вистински благодат е кога уживате во она што го работите, но нема поубаво чувство кога со вашата професија ги правите луѓето среќни. Кога зборуваме за професии што ги усреќуваат луѓето, меѓу другите тоа се: музичарите, хумористите, илузионистите, готвачите, инструкторите по танцување, но и акушерките, матичарите, продавачите на среќки, па и оџачарите, за кои кај народот се верува дека кога ќе ги сретнете, тој ден мора да ви се случи нешто убаво. Неколкумина професионалци зборуваат за тоа што го работат.

Георги Гавровски, магионичар: Восхитот кај гледачите е доказ дека сум на
вистинскиот пат

Првпат како дете кога се сретнав со илузии/ефекти со карти и, како и секое дете, бев восхитен и со многу прашања. Денес, кога ретко има трик што не го знам, тој восхит се трудам да им го пренесам на гледачите. Кога ќе видам дека публиката е со широко отворени очи, вчудовиденост и возбуда, знам дека тоа го правам како што треба. Не се трудам да ги убедам луѓето дека магијата постои, туку сакам на момент да ги оттргнам од секојдневните проблеми и во тој момент да им ја сменам реалноста и да ја почувствуваат таа возбуда.

Пламенка Трајковска, виолинистка: Радоста на публиката е и моја

Мојата цел е во комуникацијата со публиката да создадам пријатни чувства и естетска убавина. Притоа, како двајца соговорници меѓусебно разменуваме емоции – јас со моето музицирање, експресија и избор на музичка програма, која знам дека публиката ја доживува како блиска, а публиката со аплаузот и со воздишките. Вистинската среќа е кога чувствувам дека мојата музика допира и ги стоплува човечките срца. Кога на крајот на концертот луѓето ми приоѓаат и ми честитаат со насмевка, знам дека мојата мисија е исполнета.

Влатко Огненовски, готвач: Задоволство без допир

Убаво е чувството кога знаеш дека ги правиш луѓето среќни, но истовремено и тие мене ме усреќуваат, така што тоа е една бескрајна приказна. Освен тоа, и од господ е благословено кога ги храниш луѓето, и во буквална смисла на зборот и духовно. Кога ќе влезат во мојата таверна, некои од гостите се гладни, нервозни, вознемирени, но кога ќе се најадат, тие се сосема други личности. Нивниот лик е опуштен, насмеан, среќен. Луѓето чувствуваат дека храната ја приготвувам со неизоставниот зачин – љубовта. Една жена неодамна ми рече: „Влатко, вие сте единствениот маж што ме задоволил без да ме допре“.

Војче Китаноски, хуморист: Многу среќни лица гледам кога се појавувам облечен како Тито

Чувството кога предизвикуваш насмевка на лицата на оние на кои им се обраќаш не може да се опише со зборови, без оглед дали се работи за деца или за две-три илјади луѓе во некоја сала, кои се смеат на некоја твоја шега. Настапите во живо се врв во мојата животна приказна. По сите мои настапи дома и во странство, едно е сигурно, добриот хумор допира до сите луѓе. Во последниве неколку години многу радост и среќни лица гледам кога се појавувам облечен како Тито.

Илија Грујоски, инструктор по танц: Боите на танцот се мое секојдневие

Во изминативе пет години со „Академија рекреатива“, со сопругата Ана си дадовме мисија да допреме до многу луѓе преку танцот, кој за нас ги буди сите заспани емоции, дава чиста енергија и импулс на надеж. Како повторно да се будиме. Многу луѓе ни рекле дека за нив нашиот дух е како терапија што им помага да закрепнат и во душата и во телото. Боите на танцот се наше секојдневие. Се почнува со салса и 1, 2, 3…

Стефан Стамески, продавач: Убаво е кога им носиш среќа на луѓето
Работам во тобакото во Градски парк. На самиот почеток на коронавирусот имавме две добивки во ист ден, џип БМВ Х1, а другата две шестки со црвено топче 160.000 денари. Имаме дадено и повеќе телефони и екотротинет. Од срце усреќив многу луѓе. Сите се среќни, задоволни, знаат да нѐ почестат. Јас не играм игри на среќа, ама искрено доделувам награди со желба тој што игра да има добивка. Ме радува што веќе почна да се зборува дека ова тобако е талично, а велат сите дека ја чувствуваат позитивната енергија.