Австрискиот научник Рајнхолд Поп направи список на најпосакувани професии што ќе се бараат и им дава совети на младите луѓе да размислуваат во три насоки

Дигитализација, автоматизација, глобализација – како ќе изгледа пазарот на трудот во иднина? Младите имаат најтешка задача – да изберат професија што ќе се бара и која ќе биде добро платена, а австрискиот научник се понуди да им помогне.
– Дигитализацијата е неоспорно многу важен тренд, но кај дигитализацијата во областа на работата не станува збор за радикална промена туку за развој што се случува веќе неколку децении и кој ќе продолжи многу динамично и во иднина – вели Поп.

Според него, поради предвидените последици од дигитализацијата, многумина се плашат за своите работни места. Сепак, стравот не е оправдан. Едно е сигурно: во иднина веќе никој нема да се занимава само со една работа од крајот на школувањето до пензионирањето.
– Со текот на историјата, машините и техничките апарати на луѓето не им ја одзедоа само работата туку, пред сè, им го одзедоа оној здодевен дел од работата – посочува Поп.

Тој смета дека луѓето нема да ги загубат своите работни места, туку дека нивните занимавања ќе бидат „реорганизирани“. Значи, пазарот на трудот полека ќе се реорганизира и работите постепено ќе се менуваат. Како и во претходните векови, некои професии ќе исчезнат во иднина, а ќе се појават сосема нови. Работните места и професиите на иднината настануваат во областа на новите технологии што човекот ќе треба да ги создаде, сервисира, презентира и продава.

Кои од професиите ќе исчезнат, а кои ќе останат?
Сите професии поврзани со техниката и информатичката технологија (ИТ) ќе бидат во голема побарувачка во иднина. ИТ секогаш може да се појави во однос на некоја друга област, да речеме во медицината, туризмот, трговијата, комуникациите.
Интернет-продажбата и маркетингот преку интернет ќе добијат поголема улога. Но поради тоа, класичната трговија нема да исчезне. Дигитализацијата е моторот на биотехнологијата и на медицинската технологија. Исто така, во областа на истражувањето и развојот ќе се создадат нови работни места. Поради климатските промени, работните места што ќе добијат важност ќе бидат тие што технолошки или услужно ќе се занимаваат со еколошки проблеми.

– За занаетите честопати се вели дека исчезнуваат, но во никој случај тоа нема да биде целосно. Всушност, во големите центри тие имаат важна улога. Трговците, занаетчиите и негувателите секогаш ќе постојат – напоменува Поп.
Сепак, многу предизвици на иднината нема да можат да бидат решени само со дигитализацијата. Ниту една машина не може да најде креативни решенија или да чувствува емпатија. Така, професиите што бараат такви надлежности во иднина ќе имаат потреба од луѓето. Голема побарувачка ќе има за негуватели и социјални услуги, како и за образовните кадри.

– Реорганизацијата значи континуирано образование. Професиите на иднината бараат интензивно учење, затоа што работните места се посложени од порано и се доста поврзани со технологијата. На пример, вработените што работат на обработка на метали ќе мораат да го совладаат начинот на работа на високомодерните машини – истакнува Поп.
Според Поп, професии на иднината ќе бидат:
атмосферски физичар, кој ќе работи на истражувања на пр. каде што има најголема концентрација на топлина во градот и што може да се стори за тоа; ИТ-безбедност; креатор на компјутерски игри; биомедицински аналитичар; молекуларен биолог; биоинформатичар; креатор – оние што создаваат, иноватори.