Годинешната конференција „Профемина 2018“, која третпат ја организираат компанијата „Колор медиа плус“ и магазинот „Убавина и здравје“, помина во знак на слоганот на манифестацијата „Што сакаат жените“. 

Голем број посетители ги проследија осумтте панел-дискусии, на кои беа разработени теми од областа на здравјето, убавината, исхраната, социјалните мрежи… Главна тема на конференцијата беше прашањето „Што сакаат жените?, па оттука произлегоа и дискусии за најчестите женски прашања.

Конференцијата почна со стенд ап комедија на водителката и стендап-комичарка Ивана Наскова. Првата панел-дискусија беше на тема „Трендови во индустријата на убавината: Антиејџинг и дискретни естетски корекции“.

Потоа следуваше првата студија на случај, под покровителство на специјална болница за очни болести „Деница“, која ја водеше Елена Стојановска Јанковска, а во која експертите им објаснија на присутните колку е важна превенцијата на очните заболувања. Водителката Јована Стојменовиќ ја најави втората студија на случај: „Кожата говори за вас“, на која беше потврдено дека со правилна нега може да се забави стареењето на кожата.

Вториот панел на „Профемина 2018“, ги одговори сите прашања на родителите за бебешката и детската кожа. Потоа следуваше дебата на тема „Нега на косата и скалпот: Дали знаеме колку е важна?“, како и „Што всушност претставуваат престижот, успехот и убавината: Како да изгледате здраво, убаво и фит?“

Конференцијата заврши со панели каде во фокус беше храната и влијанието на инфлуенсерите на социјалните мрежи.