Човечката фантазија и имагинација се безгранични. Често фантазијата на генијалните умови станувала реалност во некое подоцнежно време, преку пронајдоци што биле опредметување на нечии соништа. Ова се некои пронајдоци инспирирани од научнофантастичните приказни, предвидувања и идеи.

Пат во вселената
Иако книгата од 1865 г. „Од Земјата до Месечината“ требало да биде комична, Жил Верн направил сериозни пресметки пред да ја напише. Целта на тие пресметки и истражувања му била содржината на приказната да биде што поверодостојна. Многу години подоцна, некои од неговите теории и равенки се покажале изненадувачки точни и слични на оние користени во мисиите на „Аполо“. Жил Верн во својата книга точно предвидел дека постои бестежинската состојба во вселената. Неговата приказна за тројца луѓе што се обидуваат да отпатуваат на Месечината подоцна стана реалност.

Атомска бомба
Не е тешко да се замисли голема експлозија, но Роберт Кроми ја замислил толку детално што таа можела да стане реалност со малку дотерување. Во својата книга тој пишува за оружје што користи атомска енергија за уништување територија со површина од околу 5.000 квадратни километри. Четириесет години подоцна неговата имагинација станува реалност, но овој пронајдок не е во корист на човештвото, напротив.

Сателити
Едвард Еверет Хејл прв ја разработил идејата за сателит во неговиот краток расказ „Месечина од тули“, но познатиот писател на научна фантастика Артур Кларк бил првиот што предложил сателитите да се користат за масовна комуникација. Тој напишал статија во 1945 г. во која опишува направи за комуникација, кои ќе кружат во орбитата и ќе се користат за побрза глобална комуникација. По седум години е лансиран „Спутник“.

Подморница
Иако подморниците биле користени во битките уште во американската Граѓанска војна (во 1864 г. првпат), кога Жил Верн ја објавил „20.000 милји под морето“ инженерите почнале да размислуваат за понапредни подводни пловни објекти што ќе нурнат уште подлабоко во морето.

Роботи
Идејата за создавање вештачки човек постоела со векови, терминот „робот“ првпат бил искористен од Карел Чапек во драмата „Р.У.Р.“ Сепак, првпат во 1927 г. луѓето почнале да ги гледаат роботите како хуманоидни машини, кои можат да бидат контролирани од програмер и тоа по гледањето на филмот на Фриц Ланг „Метрополис“.

Џебен компјутер
Во 1974 г., кога повеќето компјутери беа толку големи што можеа да се сместат во неколку соби, Лери Нивен замислуваше џебна верзија. Функцијата на „џебните компјутери“ најмногу била наменета за математички калкулации и белешки, но кога на тоа му ја додал и функцијата за комуницирање, постои можност Нивен да ги опишал идните Ајфон или Блекбери.

Интернет
„Неуромансер“, романот на Вилијам Гибсон, истовремено го поставил темелот на сајберпанк-жанрот и на интернетот. Во чудниот свет на неговиот роман, речиси секој може да има пристап до глобалната компјутерска мрежа користејќи специјален интерфејс во мозокот, кој овозможува секој на планетата да може да разменува информации во истиот момент.

Мобилни телефони
Кога бил произведен првиот мобилен телефон на преклопување, многумина искоментирале дека тој изгледа како комуникаторите во „Ѕвездените патеки“. Мартин Купер, изумителот на првиот мобилен телефон, бил инспириран од уредот на капетанот Кирк во смислувањето на целиот концепт за преносен односно мобилен телефон.

Електронски читачи на книги
Во повеќето научнофантастични дела хартијата е дел од минатото, а некои од најновите уреди одат во тој правец. Сопствениците на читачи на е-книги треба да му бидат благодарни на Даглас Адамс, кој во „Автостоперски водич низ галаксијата“ прв опишал мобилен електронски читач на книги.

Домашно кино
Во романот „Фаренхајт 451“ на Реј Бредбери има многу малку визионерска висока технологија, со исклучок на специјалните соби во домовите на луѓето во кои големи телевизиски екрани се наоѓаат на повеќе од еден од ѕидовите и тоа заедно со сараунд-системи. Денес, истото тоа може да се види во многу домови, само што сега тоа го викаме „домашно кино“.

Компјутерски вируси
За жал, научната фантастика не била инспирација само за добри пронајдоци. Кога истражувачите случајно го создале првиот компјутерски вирус во 1975 г., тие го опишале како „црв“. Терминот бил земен од романот на Џон Бранер во кој е опишана глиста-тенија, која ги инфицира сите компјутери во светот.

Калина С. Андонова