При ископување на гробница во северна Италија, бил пронајден скелет од човек, стар 2.000 години, кој имал дупка од клинец на стапалото.

Скелетот од римско време претставува втор материјален доказ за мачењето на осуденици до смрт, како што бил убиен и Исус. Трагите биле пронајдени на десната нога, поради што се претпоставува дека човекот бил распнат.

– Иако Римјаните практикувале распнување стотици години и така биле убиени десетици илјади луѓе, вклучувајќи го и Исус, до сега не се пронајдени многу материјални докази за таквото физичко ликвидирање – пишува Дејли меил.

Доказите за распнувањето се ретки бидејќи Римјаните користеле дрвени крстови, кои брзо се распаѓаат. Постоело верување дека клинците со кои жртвите биле заковувани на крстот се свети, па често биле оставани на телата на убиените. Освен тоа посмртните останки од луѓето често биле фрлани и археолозите тешко ги пронаоѓале.

Славниот римски говорник Цицерон често зборувал дека ваквиот начин на казнување е најсуров и најстрашен од сите видови на казни.

Новооткриениот скелет е пронајден на околу 60 километри од Венеција, по долината на реката По. Бил погребан сам, а според проценките на научниците, распнатиот маж во моментот кога бил убиен имал помеѓу 30 и 34 години.

Тродимензионалнот приказ на дупката во коската е направен со помош на дигитален микроскоп, пишува „Тајмс оф Израел“. Откриено било дека повредата поминува низ целата ширина на коската. Авторите велат дека тоа е доказ дека „стапалото било заковано на тврда површина пред човекот да умре“.

Начинот на кој човекот бил погребан покажува дека тој припаѓал на маргинализирана социјална група или бил во заробеништво.