Во националната универзитетска библиотека „Гоце Делчев“ во Штип денеска, во 12 часот, ќе биде промовирана книгата „Татковината во детските срца“ на Марија Таушанска, заеднички проект на „Колибри“, прилог за деца во весникот „Нова Македонија“, и ООУ „Јан Амос Коменски“. Книгата излезе во издание на НИК „Нова принт“, а насловната фотографија е на Маја Јаневска-Илиева, фоторепортерка во нашиот весник.

На промоцијата во Штип ќе биде отворена и изложбата на уметнички фотографии, инспирирани од убавината на нашата земја на Александра Донева. Водител и промотор ќе биде младиот поет Александар Јанков, а за книгата свое видување ќе даде еден од рецензентите, писателот Трајче Кацаров. Во рамките на промоцијата ученици од штипските училишта ќе цртаат и пишуваат за татковината, а млади таленти од овој град ќе настапат со неколку музички точки.