Семето на минатото е цвет на иднината. Оваа мисла најдлабоко ја покажува суштината на организацијата „Слоу фуд Македонија“, но и на нивното ново списание „Полжавче“.
– Создавањето на ова списание е сеење на семето на љубовта за од него да никнат вистински луѓе што веруваат во вистинските вредности за добра, чиста и правична храна, луѓе што ќе знаат да произведат таква храна, да ја приготват, да ја споделат и да знаат дека храната е и задоволување на физичките потреби, но и култура на живеење, традиција, естетика, задоволство и љубов – велат од „Слоу фуд Македонија“.
„Полжавче“ им се обраќа на наставниците, на координаторите на училишните градини, на родителите и на сите оние на кои им е важна среќата на децата, па оттука на еден или на друг начин, директно или индиректно „Полжавче“ постои за иднината на овој свет за децата.
Освен од членството на „Слоу фуд Македонија“, поддршка е добиена и од нивните пријатели од Италија, Романија, Африка. Онлајн промоцијата на првото издание на списанието „Полжавче“ ќе се случи утре од 18 часот преку апликацијата Зум.