Во кафе-барот „Винил“ во Скопје, вечерва, во 21часот ќе се одржи слушачка промоција на деби-албумот на Телемама и Пиколомини со наслов „Краток албум за двајца“, како издание за независниот музички издавач – „Шарла рекордс“.

Телемама и Пиколомини се соло-артисти со веќе неколку албумски изданија зад себе, кои ги афирмираа, како на македонската така и на регионалната независна музичка сцена. Оваа нивна соработка доаѓа по суперуспешниот сингл „Аника“ што излезе минатото лето и кој не само што ги освои срцата на домашната публика, туку доживеа и солиден интернационален успех. Легендарното њујоршко радио ВФМУ ја вклучи во својата програма, што ја следат неколку канадски инди-радиостаници, европски независни музички портали, а во некогашните југословенски простори беше еден од поголемите хитови за 2017 година.

„Краток албум за двајца“ е мини-колекција од 7 композиции напишани од Давид Ангелевски и од Драгана Заревска и е обид да се изгради музичко-тематски контекст околу Аника. Се работи за лирски топол и автентичен израз составен од различни музички стилови во кои се слеваат мали приказни, околности и ликови што му припаѓаат на нашето секојдневие, овде и сега. Уникатниот глас на Драгана Заревска повеќе од успешно го води слушателот низ овие за нив досега неистражени музички територии.

Комплетната авторска и продукциска работа, дизајн и подготовка се дело на Давид Ангелевски и на Драгана Заревска.
Албумот ќе биде објавен како дигипак цеде издание достапно во ограничен број копии, а од наредната недела ќе може да се преземе дигитално од бендкемп-профилот на „Шарла рекордс“.