Благој Маротов вечерва ќе го претстави својот нов албум „Среќа барам“ што го подготвуваше изминатите две години, со почеток во 20 часот, во клуб-ресторанот „Еквилибриум“. Станува збор за албум на кој се снимени седум нежни поп-песни, во кои провејуваат љубовта како главна тема, медитеранскиот, но и латино дух и пред сѐ духот на македонскиот шлагер и евергрин.
Сето она што Маротов како музичар го изведувал и како професор по музика го има стекнато како знаење и искуство во својата богата кариера во изминативе децении, овој пат посветено го внесе во најновите мелодии.
Минатата година Благој ги промовираше новите песни „Роман за нас“ и темпераментната „Бенг, бенг“, а ова лето со ист ритам ги испеа „Прекрасен ден“, „Налеј една“, „Ти си таа“ и „Еј среќо“, но направи и нова верзија на мелодијата „Не е љубов тоа“, повеќето доста слушани на скопските радија.
Музиката и текстовите на повеќето песни се на Маротов, а како автор на музика во песната „Еј среќо“ се јавува Горан Стојановски, додека некои од текстовите ги напишаа: Цане Трајчевски, Дејан Георгиевски и Георги Барбаровски.