„Поврзи се…“ е новата димензија во која битисуваме. Димензија што е различна од будност, спиење и сонување. Секој стих и секоја фотографија како љубовна романса одекнуваат во вселената и со својата величественост ја разголуваат нашата душа

Во кафе-галеријата „Концепт 37“ вечерва, со почеток во 20 часот, со изложба на 11 хаиги, ќе биде промовирана книгата „Поврзи се…“ од Дијана Петкова и Камелија Шојлевска, прв заеднички проект на овие две авторки. Проектот содржи 50 хаику-стиха од Дијана Петкова и 50 уметнички фотографии од Камелија Шојлевска, кои поврзани преминуваат во нова форма – хаига.
Книгата „ Поврзи се…“ ќе ја промовира Катерина Ангеловска, тренерка за личен развој.
– „Поврзи се…“ е новата димензија во која битисуваме. Димензија што е различна од будност, спиење и сонување. Секој стих и секоја фотографија како љубовна романса одекнуваат во вселената и со својата величественост ја разголуваат нашата душа.
„Поврзи се…“ е онаа рамнотежа, баланс, хармонија, мир и спокој по кои трагаме во ова наше време. Го отвора нашето срце за нови учења и истражувања на себството, подготвено да се исцели и да ги собира плодовите од божественоста“ – вели Катерина Ангеловска.
Поетесата Дијана Петкова досега ги издала збирките поезија „Стефанија“(1999), „Деца од свила“ (2011), „Нова реалност за просторот“ (2013) , „Честичка свесност“ (2014), „Мамо, што има за јадење?“ – хаику-готвач за свесни мажи и жени (2016), и „Енсо•Поврзување со целоста“ (2017).
Камелија Шојлевска е радио и ТВ-водителка. Авторка е на првиот женски метафизички роман „Небесен човек“, издаден во 1994 г., кој во 2010-та беше издаден и во САД. Пишува сценарија ( „Под куполата“ и „Бисерот на Црвено Море“), а авторка е и на телевизиската серија „Низ Македонија“. Во моментов работи како водителка на Ноќната програма во Македонското радио.
Изложбата ќе биде отворена до 7 јули.