Промоции, проекции, свирки на „МКЦ за Скопје“

Мултимедијалниот културен настан „МКЦ за Скопје“, што традиционално се одржува на 26 јули, оваа година ќе се одржи во паркот на Младинскиот културен центар. Настанот е бесплатен, програмата ќе започне во 18.30 часот со детските работилници на уметникот Доротеј Нешовски и на писателката Билјана Црвенковска.

Следуваат слушачки промоции на компилациите „Колку гласно морам да викнам за да ме чујат?” и „Има ли забава“, избор од песните што го обележаа новиот бран во Македонија од 1981 до 1985 г. Издавач е „Корпус деликти рекордс“, а автор Тошо Филиповски.

Тој ќе го промовира и првиот том на неговата книга „Македонска дискографија – винили“ (1958-2019 г.), која ќе може да се купи по промотивна цена. Опфатени се 333 винилни изданија на околу 480 страници во боја. Промотори на монографијата ќе бидат Бранка Костиќ-Марковиќ и Ѕвездан Георгиевски.

По промоциите, во 21.45 часот, ќе започне музичката програма што ќе ја исполнат „Светлост“, „Јордан Костов трио“ и „Роботек“. Настанот ќе заврши со кино на трева – „Ослободување на Скопје“ во режија на Раде и Данило Шербеџија.