Фантастичната драмска телевизиска серија „Проколната“, заснована врз истоимениот илустриран роман на Френк Милер и Том Вилер, премиерно беше прикажана на Нетфликс на 17 јули и оттогаш е меѓу најгледаните содржини на американската стриминг-платформа.

Американската серија „Проколната“ е создадена благодарение на тандемот од креаторот Том Вилер и легендарниот автор на стрипови Френк Милер, на кого повеќемина се сеќаваат по одличниот проект „Град на гревот“. Серијата е креирана како слободно толкување на легендата за кралот Артур, но од женска гледна точка, со главната хероина Нимуе (Кетрин Лангфорд), која како кралица го добила мечот од каменот, во овој случај пред кралот.

Првата сезона содржи десет едночасовни епизоди, а заплетот на серијата се одвива во митска Британија, во раниот среден век, период познат по практикување магии и пролевање крв. Снимена е на локации на напуштената воена база во селото Дипкат во Англија. Уште од моментот кога беше пуштена се искачи на списокот на најгледана содржина на Нетфликс.

Нетфликсовата фантазија прераснува во летен хит токму затоа што претставува еден вид бегство од времето во кое живееме, а преку забава порачува дека конфликтите поради верската припадност се непотребни и апсурдни. Исто така, серијата зборува и за тоа дека војните се бесмислени во светот што се наоѓа на работ на природно уништување.