Во Кинотеката на Македонија, на летната сцена „Мирно лето“, вечерва, во 20.30 часот, со проекција на концертот „Раде Шербеџија и Западни колодвор бенд ХНК Загреб“, продолжува циклусот „Концерти во Кинотеката со Кроација рекордс“, кои оваа установа ги реализира во соработка со најголемата дискографска куќа во регионот.
Концертот на Шербеџија, докажан светски актер и музичар, вљубеник во Македонија, претставува врвно аудиовизуелно остварување. На концертот во ХНК, Раде, заедно со бендот „Западни колодвор“, изведе 21 песна, меѓу кои и култната „Не дај се, Инес“ на Арсен Дедиќ, потоа „Остала си увијек иста“, „Чекај ме (Сеќавање на Есенин)“, „Барбара“, „Имам пјесму за тебе“, „Не марим да пијем“…, како и „Мени се душо од тебе не растаје“, создадена од перото на Џони Штулиќ. Концертот во ХНК беше одржан на 3 ноември 2019. Заедно со Шербеџија, на сцената на ХНК таа вечер беа и: Антун Сташиќ (виолина, вокал), Ранко Пуриќ-Кампи (бугарија), Марјан Крајна (хармоника), Дарио Хлеб (електричен бас, контрабас), Пере Иштванчиќ (мандолина, тамбурица, вокал), Јура Врандечиќ (контрабас), Бранко Богуновиќ-Пиф (гитаре), Луција Јелушиќ и Ивона Шимуниќ (придружни вокали). Меѓу гостите се појавија: Влатко Стефановски, Дамир Урбан, Мими, Матеј Мештровиќ и Јуре Иванушиќ.
Програмата на Кинотеката почна на 1 јули, со концертот на Влатко Стефановски во „Лисински“, па продолжи со концертот на Јосипа Лисац, а секој следен четврток во седмиот месец тековната година ќе биде прикажан по еден концерт од богатата блуреј-програма на овој дискографски гигант.