Според Организацијата на производители на шампањ, францускиот извоз на шампањ опаднал за 17,6 проценти во 2020 година, бидејќи пандемијата на ковид-19 принуди да се затворат рестораните и баровите и се забрани секаков вид на прослави и настани.
– Вкупната продажба на шампањ се намали на 245 милиони шишиња во 2020 година од речиси 298 милиони во 2019 година. Според вредноста, привремените процени се дека продажбата во 2020 година била околу 4 милијарди евра, што е за 1 милијарда евра помалку – соопштија од Организацијата.
Најголем пад имало на клучните извозни пазари, Велика Британија и САД, кои забележале пад на продажбата на шампањ за 20 отсто во 2020 година, а и Јапонија, како друг примарен пазар, забележала поголем пад од 28 отсто.
Пад на пазарот се случил и во Германија (пад од 15 проценти), Швајцарија (девет проценти помалку) и Белгија (пад од пет проценти), освен во Австралија, каде што извезените количества пораснале за 14 проценти.
Според Здружението за трговија со вино и жестоки пијалаци, продажбата на шампањ во британските продавници и супермаркети во пресрет на Нова година достигнала 2,3 милиони шишиња, во вредност од околу 63 милиони фунти (71,3 милион евра).
Извозот во 2018 година покажува дека на странските пазари се консумирало повеќе шампањ отколку во Франција, првпат по повеќе од 50 години. Франција стана најголемиот пазар во 60-тите години на минатиот век, но бележи постојан пад од самиот врв во 2007 година.