Страсниот обожавател на британската хит-серија „Сплетки“, Скот Харингтон, ја купил црвената гаражна врата што се појавува во овој хумористичен ситком, а парите се употребени во хумани цели. Вратата на гаражата број 22 во Бедминстер во Бристол што ја користел Дел Бој е заменета во мај поради реновирање. Градскиот совет му ја дал вратата на студиото „Ботл јард“, кое, пак, му ја понудило на колекционерот Скот Харингтон.

Гаражите во сопственост на државниот совет се изградени во 1962 година, истовремено кога и трите високи станбени блокови во близината – Саутбој хаус, Бинтерстроук хаус и Вајтмејд хаус. „Сплетки“ се снимале околу Вајтмејд хаус, прикажувајќи ја надворешноста на измислената куќа на Дел Бој, „Нелсон Мандела“, која требало да се наоѓа во Пекам. Донацијата ѝ е подарена на организацијата „Филм и ТВ“, за да може полесно да ги преброди проблемите со кои се соочува поради пандемијата. Харингтон и неговата сопруга се надеваат дека вратата ќе биде изложена во Британскиот музеј на мотори во Ворикшаер, покрај легендарниот жолт автомобил со три тркала од ТВ-серијата, пренесе Би-би-си. Тој се надева и дека ќе отвори музеј каде што луѓето „би можеле да патуваат низ спомените“.
– Наша долгорочна цел е да создадеме сопствен семеен музеј во кој луѓето заедно со нас ќе се потсетат на клучните мигови од нашата историја – вели Харингтон.
Серијата „Сплетки“ е создадена во 1981 година и многу брзо ја освоила публиката во Велика Британија, Европа и во светот. До 1991 година се снимени 64 епизоди во седум сезони. Оригиналниот наслов „Само будали и коњи“ е заснован на стара англиска поговорка, која во превод гласи „Само будалите и коњите работат“, со што се алудира дека главните ликови Дел Бој и неговиот помлад брат Родни избегнуваат работа, но и плаќање данок и други давачки.

Во анкетата на Би-би-си од 2004 година, „Сплетки“ е прогласена за најдобра ТВ-серија на сите времиња.