Четири месеци по воведувањето на карантинот, Јохана Агурто, професорка од Чиле која останала без работа, се соочила со тешка, но храбра одлука. Додека таа се досадувала на социјалните медиуми за да се оттргне од помислата дека нејзината заштеди вртоглаво се троши, а има четири деца за хранење, таа и нејзиното момче биле инспирирани од фотографија на актерот Мел Гибсон. Така, се родила идејата за „Миел Гибсон“, односно „мед кој е само за храбрите“, пренесува „Њујорк тајмс“

Агурто се сетила дека има голема залиха од органски мед во кујната, а името Мел звучи слично на шпанскиот збор за мед – миел. Пријател на Агурто дизајнирал лого од легендарна сцена од познатиот филм „Храбро срце“, и тие се зафатиле со лепење на логото по теглите мед. Така, бил роден малиот бизнис „Миел Гибсон“, кој таа шеговито го нарекла „само за храбрите“. 

Бизнисот бил доволен за Агурто да се оттргне од грижите, а исплатлив за да ги покрие сметките и трошоците дома. Таа го рекламирала производот онлајн, но и лично на пријателите и познаниците. Но, потоа во сандачето на електронската пошта ѝ стигнала непосакувана порака, односно „писмо за прекинување и откажување“ на бизнисот. 

– Ние правно го застапуваме актерот Мел Гибсон. Забележавме дека нелегално го користите името и/или сличноста со г-дин Гибсон или неговата биографија, за да рекламирате и продавате производи од мед – пишувало во мејлот, кој бил испратен од адвокат од Лос Анџелес, чија фирма претставува неколку светски познати личности. 

Отпрвин, Агурто мислела дека станува збор за невкусна шега, но откако сфатила дека станува збор за вистинска правна закана, таа се преплашила.

– Пријателите се обида да ме охрабрат, велејќи ми дека „ниеден американски адвокат не би го трошел своето време за случај во кој жена продава мед во Чиле за време на пандемијата. Но, другите ме предупредија дека Американците се склони да решаваат законски спорови. Затоа, го избришав профилот за рекламирање на бизнисот со мед со надеж дека целата работа ќе стивне – вели Агурто. 

Агурто била преплашена дека ќе добие парична казна, и постојано мислела на нејзините четири деца. Карантинот во Чиле е меѓу најдолгите и најстрогите во светот и земјата, која е меѓу оние со највисока стапка на инфекција по глава на жител, додека сектори на економијата остануваат парализирани. 

По неколку непреспиени ноќи, а инспирирана од храброста на Вилијам Валас, Шкотот чија улога ја глумеше Гибсон во „Храбро срце“, Агурто решила да излезе во јавноста во врска со случајот. Тоа, пак, ѝ донело енормна поддршка од медиумите во Чиле, бесплатна правна помош, а популарноста и нарачките на медот биле вртоглаво зголемени. Пораките пристигале побрзо од што таа можела да ги прочита. Нејзината адвокатка стапила во контакт со адвокатскиот тим на актерот Гибсон, со цел да се обидат да дојдат до некаква спогодба. 

– Стапив во контакт со адвокатот на актерот со надеж дека ќе преговараме за компромис. Мојата клиентка има намера да го задржи името на брендот „Миел Гибсон“, но планира да го тргне логото на актерот од етикетата на медот – вели Марија Хозе Аранцибија, адвокатка која ја застапува Агурто.

Бизниси и славни личности испраќаат „писма за прекин и откажување“ на луѓе кои незаконски профитираат од користење на заштитени слики, имиња и логоа без овластување. Адвокатката на Гибсон, Ли Бречин, рече дека нејзиниот клиент не бара да го затвори бизнисот на Агурто. 

– Ништо од ова не е со цел да се спречи заработувањето и приходот на бизнисот. Но, постојат соодветни канали за контакт и дозволи што треба да ги поминете за да бидете сигурни дека имате одобрение за такво користење – рече адвокатката на Гибсон. 

Без оглед на тоа како ќе се реши спорот, Агурто откри дека би сакала да испрати тегла „Миел Гибсон“ до актерот Гибсон. Таа сака тој да знае дека, и покрај спорот, ситуацијата не ја натерала таа да престане да биде негова обожавателка. 

– Мојата мотивација не беше да профитирам со употреба на ликот на позната личност. Продавав мед за да преживеам – вели таа.