Во пресрет на Денот на жената, во преполната сала во Центарот за култура во Кичево, викендов трети пат беа прогласени најуспешните жени во општината за 2019 година. Во групата успешни жени се најдоа интелектуалки од сите професии: фармацевтки, адвокатки, уметници, дами од производствената, од услужната дејност и многу други.

Вечерта беше дополнета со богата културно-уметничка програма во која учествуваа ансамбли и вокални солисти од градот, пејачката група „Преродба“ од Прилеп, млади рапери, а како круна на сето тоа беа модната ревија на модели за претстојната пролет и ревијата на женски народни носии од речиси сите краишта во земјава. Двочасовната програма помина за час, каде што се испреплетуваа разни содржини и случувања.
– Со добивањето на оваа пофалница се зголемува и мојата обврска и во наредниот период да бидам успешна и целосно посветена на мојата работа – вели Елеонора Панзова, една од наградените, ликовна уметница, која последните неколку години изработи фрескоживописи во повеќе храмови во земјава.

Настанот го збогатија членките на пејачката група 2Преродба“ од Прилеп.
– Овој настан беше проткаен со многу содржини и се надеваме дека в година ќе продолжи нашата дружба – рече Лиле Ацеска, членка на пејачката група „Преродба“.

Присутните имаа можност да ја погледнат и ревијата на народните носии, а кореографот на КУД „Бисер“ од Кичево, Цане Ѓорѓијоски, и колекционерот на народни носии Алексо Тришоски, одржаа кратко предавање за тоа кои носии се карактеристични за одредени региони со акцент на носиите од Кичевијата.
– Македонија изобилува со богати народни носии полни со колорит и автентичност.

Благодарение на заложбите на ентузијасти и друштва, тие остануваат во трајно наследство за идните генерации. Од нашиот регион надалеку се познати по својата убавина и везовите, мијачката, шопската и носијата од Копачка и многу други – рече Цане Ѓорѓиоски, кореограф од Кичево.