Додека Индија деновиве ја премина границата од 25 милиони заразени со коронавирус, боливудските славни личности се вклучија во напорите за обезбедување хуманитарна помош, организирајќи храна за пациенти со ковид-19, како и засилени апели на социјалните мрежи.
Веќе неколку месеци пандемијата беснее во Индија како никаде во светот, со незапирлив наплив на новозаразени, а во последниве недели властите пријавуваат меѓу 300.000 и 400.000 нови случаи дневно.
Пријанка Чопра Џонас (38) беше меѓу првите sвезди што реагираа со итна поддршка, кога минатиот месец започна со собирање средства со својот сопруг, пејачот Ник Џонас. Напорот е соработка помеѓу фондацијата „Пријанка Чопра Џонас“ и „Гив Индија“, паниндиска непрофитна организација.

Чопра Џoнас, која има 63 милиони следачи на Инстаграм, на 29 април упати емотивен апел до своите обожаватели да ги отворат паричниците доколку имаат готовина, бидејќи Индија се соочува со недостиг од резерви кислород, вакцини и друга опрема за спасување живот. Пораката беше споделена и на нејзиниот профил на Твитер, каде што има околу 27 милиони следачи.
– Пациентите заболени со ковид се принудени да најдат начин да се лекуваат дома, бидејќи болниците се задушуваат од напливот на нови случаи и недостиг од испорака на кислород. Ајде да се здружиме и да ѝ помогнеме на Индија да биде безбедна и повторно да дише – се наведува во известувањето на страницата за собирање средства.
Чопра Џонас се надева дека ќе собере донации од три милиони долари до крајот на мај.