Британскиот принц Хари и неговата сопруга Меган Меркл во петокот по вторпат станаа родители. Нивната ќерка го доби името Лилибет, во чест на кралицата Елизабетa Втора. Но, се појавија шпекулации дека тие не се консултирале со кралицата пред да го дадат името на нивното второ дете, објави „Би-би-си“.

Портпаролот на војводата и војвоткатта Сасекс ги негираше ваквите шпекулации, велејќи дека тие не би го дале името доколку кралицата не им ја дала нејзината поддршка, односно кралицата била прва од кралското семејство со која тие морале да се консултираат.

– Војводата зборуваше со своето семејство пред среќната вест да биде објавена. Неговата баба беше првиот член од семејството на кој Хари се јави. За време на разговорот, тој ја сподели нивната желба да ја крстат ќерката во нејзина чест. Доколку кралицата не ја дадеше својата согласност, тие немаше да го употребат името – изјави портпаролот.

Лилибет е прекар на кралицата меѓу блиските членови на кралското семејство уште од нејзиното детство. Прекарот настанал кога Елизабета била мала и не можела правилно да го изговори сопственото име. Нејзиниот дедо, кралот Џорџ Петти, нагалено продолжил да ја вика Лилибет, имитирајќи ги нејзините обиди да го каже своето име. Покојниот сопруг на кралицата, принцот Филип, исто така ѝ се обраќаше на кралицата со нејзиниот прекар.

Лилибет „Лили“ Дијана Маунтбатен-Виндзор е 11-то правнуче на кралицата и помлада сестра на Арчи, кој сега има две години. Нејзиното средно име, Дијана, е во чест на покојната мајка на принцот Хари. За време на интервјуто со Опра Винфри во март, Хари и Меган открија дека дека не планираат да имаат повеќе од две деца.