Принцот Хари и неговата сопруга, Американката Меган, потпишаа ексклузивен повеќегодишен договор за продукција со „Нетфликс“, што е голем чекор во нивниот план да заработуваат за живот надвор од кралското семејство.
Според договорот, чија вредност не беше обелоденета, двојката ќе продуцира филмови и серии, од детски претстави до сценариски содржини, објави стриминг-платформата во средата.
Хари и Меган во јануари најавија повлекување од нивните должности како членови на британското кралско семејство, со објаснување дека повеќе време ќе минуваат во САД, за да бидат финансиски понезависни.
Од Канада тие се преселија во Јужна Калифорнија со синот Арчи.
Хари и Меган ќе продуцираат содржини и теми со фокус на нивната непрофитна организација „Арчивел“.
– Нашиот фокус ќе биде создавање содржини што информираат, но исто така даваат и надеж – стои во изјавата на двојката.