Британскиот принц Хари и неговата вереница Меган Маркл ги замолиле сите кои сакаат да им испратат свадбен подарок следниот месец, наместо тоа да уплатат донација, соопшти денеска канцеларијата на принцот.

Во соопштението се наведува дека двојката е многу среќна поради добрата волја која им е укажана и сакаат повеќе луѓе да имаат корист од таа несебичност.

Принцот Хари и Маркл одбраа седум хуманитарни организации со кои не се директно поврзани, а меѓу нив се Детското ХИВ здружение, Фондацијата Мина Махила која им помага на жените во сиромашните делови на Мумбај, Кризната организација за бездомници и Малите војници на Скот, кои ги поддржуваат децата што ги загубиле своите родители во британската војска.

Двојката ќе се венча во замокот Виндзор на 19 мај.